Бројот на илегални преминувања на границите на Европската унија во првите шест месеци од 2024 година, според податоците на Фронтекс, е намален за речиси една третина (30 проценти), на околу 94.000, пренесува МЕТА според извори на Хина.
Од главните миграциски рути, најголемо намалување на бројот на откриени илегални гранични преминувања, има на Западен Балкан и Медитеранот, а најголем пораст е забележан на источните копнени граници и кон Западна Африка. Најмногу илегални мигранти на сите рути годинава имало од Сирија, Мали и Авганистан.
Бројот на откриени илегални премини на западнобалканската рута е намален за дури 72 отсто, а медитеранската рута, која лани забележа најголем број нелегални преминувања, бележи пад од 61 отсто. И покрај тоа, таа остана најактивната рута оваа година со речиси 26.000 откриени преминувања.
Во меѓувреме, западноафриканската рута продолжи да бележи рекорден број на откриени преминувања. Вкупниот број на илегални мигранти кои пристигнале на Канарските острови во првата половина од годинава се зголемил за 174 отсто, на речиси 20.000.
Втората најактивна миграциска рута во првата половина од годината беше Источниот Медитеран, каде што бројот на пристигнувања се зголеми за 75 отсто, на близу 25.000.
Во првите шест месеци од 2024 година е забележан и значителен пораст на илегалните преминувања на источните копнени граници, со нагло зголемување од 148 отсто или над 6.700. Огромното мнозинство од мигрантите откриени на оваа рута биле државјани на Украина.
Фронтекс нагласува дека со повеќе од 2.900 офицери и персонал ангажирани во различни операции, тие остануваат посветени на заштитата на надворешните граници на ЕУ.