Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави оти денеска ќе има обраќање на итниот состанок пред Советот на безбедност на Обединетите нации.
Тој во своето вечерно обраќање до украинскиот народ истакна дека во интерес на Киев е да има отворена и транспарентна истрага за наводното масовно убиство на цивили во Буча и изрази уверување оти ќе се откријат уште полоши случаи на масовни убиства на цивили извршени од руските воени сили.
„Би сакал да нагласам дека сме заинтересирани за најкомплетна, најтранспарентна истрага, чии резултати ќе бидат познати и објаснети на целата меѓународна заедница“, рече Зеленски, а пренесува Би-би-си.
На денешната седница на Советот за безбедност ќе се разговара за украинските наводи за убиства на цивили извршени од руски војници во Буча, северозападно од Киев.