Говорејќи на францускиот Институт за политички науки „Сајансес по“, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека војната со Русија би била спречена доколку пред почнувањето на воениот конфликт Украина била членка на НАТО, јави Ројтерс.

Advertisements

„Да беше Украина дел од НАТО пред војната, немаше да има војна“, им рече Зеленски на студентите од францускиот Институт за политички науки во своето видеообраќање.

Рускиот претседател Владимир Путин, пак, постојано повторуваше оти влезот на Украина во НАТО би предизвикал инвазијата врз соседната земја, која започна пред повеќе од два месеци.

Во меѓувреме, Украина очекува да добие и статус на кандидат за членство во Европската Унија до јуни. Одбивањето за кандидатски статус за членство во ЕУ, пак, ќе го смета за измама од Европа, изјави министерот за надворешни работи Димитро Кулеба во интервју за „Фајненшл тајмс“.

„Доколку не добиеме кандидатски статус, тоа значи само едно – дека Европа се обидува да нè измами. И ние нема да го проголтаме тоа“, рече Кулеба.

Тој нагласи дека Украина во моментов е единственото место во Европа каде што луѓето гинат за вредностите на кои се заснова Европската Унија и додаде оти тоа треба да се почитува.