„Ако постои и еден процент шанса за запирање на војната, таа шанса треба да ја искористиме“, вели украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за Си-Ен-Ен, додавајќи дека евентуалниот неуспех во преговорите со Москва би довеле до Трета светска војна.
„Руските сили дојдоа да нè истребат, да нè убијат. Со достоинството на нашиот народ и нашата армија покажавме дека можеме да нанесеме силен удар, можеме да го возвратиме ударот. Но, за жал, нашето достоинство нема да ги зачува животите. Мислам дека треба да искористиме било каков формат, секоја шанса за да имаме можност за преговарање, можност за разговор со Путин. Но, ако овие обиди не успеат, тоа би значело дека ова е Трета светска војна“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина
Евентуална средба Зеленски-Путин би можела да биде одржана во Турција, нагласува министерот за надворешни работи на земјата, Мевлут Чавушоглу. Во изјава за весникот „Хуријет“ тој вели дека Москва и Киев имаат приближување по однос на критичните прашања во преговорите, истакнувајќи дека примирје и прекин на огнот се можни доколку ниту една од страните не се повлече од моменталните позиции.
Но, во меѓувреме, огнот на терен се засилува и постојано се бројат цивилни жртви. Кремљ повторува дека целите на специјалната воена операција ќе бидат исполнети, а Киев повторно бара забрана за летови над украинска територија. Последно, ваков повик до пратениците од западните земји упати спикерот на украинското Собрание.
„Парламентите на трите балтички држави, Латвија, Литванија и Естонија, минатата недела покажаа добар пример за тоа што пратениците можат да направат. Можете да ги повикате вашите влади за затворање на воздушниот простор над Украина. Ова треба да го направите за доброто на милиони Украинци и за доброто на европската и светската безбедност“, рече Руслан Стефанчук – Претседател на Собрание на Украина
Генералниот секретар на НАТО Столтенберг претходно категорично ја отфрли идејата за затворање на воздушниот простор, стравувајќи дека тоа би довело до војна меѓу НАТО и Русија. Руската одбрана пак, денеска обвини дека Украинците преку саботажи ќе вршат притисок НАТО да го затвори небото.
„Киевскиот националистички режим планира напади врз дипломатските претставништва на САД и западните земји, претставувајќи ги како напади наводно организирани од руските сили. Клучната цел на ваквата провокација е да се зголеми притисокот врз земјите на НАТО за затворање на воздушниот простор над Украина и достава на повеќе оружје“, изјави Игор Конашенков – портпарол на руското Министерство за одбрана
Претходно и Путин нагласи дека евентуално затворање на небото од земји членки на НАТО ќе биде протолкувано како започнување на војна со Русија. /Алсат.мк
Лука Андреев