Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека Крим, како и цела Украина, мора да биде слободен, наведувајќи дека сите империи низ историјата биле уништени.

По повод Денот на борбата за правата на кримските Татари, кој денес се слави во Украина, Зеленски во објава на Фејсбук потсети дека советските власти ја започнале депортацијата на кримските Татари од Крим пред 81 година, објави Укринформ.

„Денес е ден што нè потсетува зошто сите брутални империи заслужуваат да паднат“, рече Зеленски, истакнувајќи дека пред 81 година, цел народ бил протеран од својата родна земја „и фрлен на пат што станал смртна пресуда за илјадници и илјадници луѓе, за многу семејства“.

Тој потсети дека најмалку една третина од кримските Татари починале поради болести, глад, исцрпеност и злоупотреба.

Според Зеленски, оваа трагедија била овозможена од „криминалниот тоталитарен систем и неказнивоста на лидерите во Москва“.

Зеленски рече дека таква трагедија никогаш повеќе не треба да се случи, но дека во 2014 година имало уште една руска окупација на Крим и дека како резултат на тоа, илјадници семејства сега се повторно разделени.

„Мораме повторно да се бориме за слободата и за нашиот дом“, рече Зеленски.