Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, разговараше со лидерот на германската Христијанско-демократска унија (ЦДУ) и кандидат за германски канцелар Фридрих Мерц и договори понатамошна соработка со него, пренесува Укринформ.
„Добар разговор со лидерот на партијата ЦДУ, која победи на изборите за Бундестагот, Фридрих Мерц. Координирани позиции. Ви благодариме за поддршката. Ние во Украина многу ги цениме напорите на Германија да ја врати европската безбедност и да го заштити животот во Украина“, напиша Зеленски на својот профил на „Икс“.
Тој додаде дека Германија е лидер во снабдувањето на Украина со системи за противвоздушна одбрана и дека игра една од водечките улоги во обезбедувањето на финансиската стабилност на земјата.
Мерц претходно го опиша јавниот судир меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и Зеленски во Белата куќа како „намерна ескалација“.
„Ова не беше спонтана реакција на интервенциите на Зеленски, туку очигледно намерна ескалација на оваа средба во Овалната соба“, рече Мерц, додавајќи дека Европа е под притисок да реагира брзо.
Мерц истакна дека од клучно значење е да се одржи соработката меѓу ЕУ и САД и дека се уште не планира патување во САД, но дека тоа ќе се случи по формирањето влада во Берлин.