Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Германија дека ја ставила сопствената економија пред безбедноста на Украина во пресрет на руската инвазија.

Advertisements

Зеленски денеска имаше видео обраќање во германскиот Парламент. Тој рече дека западните лидери пребавно реагирале додека руските сили се трупаа на границата со Украина пред инвазијата.

„Сè за што вие се грижевте беше економијата“, рече тој пред Парламентот.

Зеленски ја критикуваше и поддршката на германската влада на проектот Северен тек 2, со кој Германија требаше да се снабдува со природен гас од Русија. Украина и други земји беа против проектот, предупредувајќи дека со него се загрозува украинската и европската безбедност.

Германија по руската инвазија на неодредено време го суспендираше проектот, кој беше дизајниран да го удвои капацитетот за проток на гас од Русија во Германија.

Зеленски ја повика Германија да не дозволи нов ѕид да ја подели Европа и да ја поддржи Украина за членство во НАТО и ЕУ.

Потсетувајќи на падот на Берлинскиот ѕид, Зеленски го повика германскиот канцелар Олаф Шолц да го урне ѕидот меѓу мирот и конфликтите во Европа и да ја запре војната во Украина.

Прикажи повеќе