Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во моментов нема јасни информации за тоа што ќе предложи руската страна на најавените преговори во Истанбул, закажани за понеделник.

„Ние го немаме тоа, Турција го нема, САД го немаат тоа, а ниту другите партнери. Засега не изгледа многу сериозно“, рече Зеленски.

Тој истакна дека во петокот разговарал за ова со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, додавајќи дека „сите сакаат Русија да престане да си игра со дипломатијата и да ја заврши војната“, објави Укринформ.

„Секој сака сериозен мир, а Русија треба да се стреми кон тоа. Ова треба да биде дневен ред на состанокот. Ние ја дадовме нашата агенда. Се надеваме дека американската страна ќе биде решителна по прашањето за санкциите со цел да се помогне во мирот“, нагласи Зеленски.

Додаде дека Украина се подготвува за нови дипломатски чекори заедно со партнерите во Европа и САД.

Украина инсистира Русија да го достави својот нацрт-меморандум пред состанокот следната недела, поради загриженост дека содржи услови неприфатливи за Киев, што Москва одби да го стори, пренесува Танјуг.