Зеленски на почеток на пристапните преговори на Украина со ЕУ: Денес е историски ден

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес преку објава на Х го прогласи овој ден за историски за земјата бидејќи од денеска Украина преминува на вистинските преговори за членство во ЕУ.

„Денес е историски ден кога продолжуваме со вистински, вистински преговори со Европската унија за членството на Украина. На 28 февруари 2022 година, само неколку дена откако започна целосната инвазија, ја потпишавме апликацијата за членство. Пред речиси две години, во јуни 2022 година, добивме кандидатски статус, а минатиот декември обезбедивме политичка одлука за преговорите“, напиша Зеленски.

Но, како што нагласи, од денеска ќе се означи почетокот на нашето членство во Европската Унија – денеска се одржува првата меѓувладина конференција меѓу Украина и ЕУ.

„Благодарен сум на сите што ја бранат Украина, нашата земја и народ. Благодарен сум на тимот кој прави се за да не направи дел од Европската Унија. Никогаш нема да бидеме избркани од нашиот пат кон обединета Европа, кон нашиот заеднички дом на сите европски народи. Дом кој мора да биде мирен!“ нагласи украинскиот претседател.

Како што објави претходно денеска ЦИВИЛ Медиа, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен предпладнево соопшти дека Европската унија официјално ги започна пристапните преговори со Украина и Молдавија.

На почетокот на преговорите треба да бидат отворени 35 преговарачки поглавја. Украина ќе влезе во разговори во неколку поглавја истовремено, применувајќи кластерски пристап. Во рамките на преговорите ќе има шест кластери.

Драган Мишев