Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денес упати сочувство до семејствата на загинатите и повредените во нападите на руските сили во текот на ноќта и посочи дека мора да се спроведат мерки што ќе ја лишат Русија од ресурси за водење војна.

„Во текот на ноќта, Русите лансираа четири балистички ракети и 142 дронови“, напиша Зеленски на платформата Икс.

Како што изјави тој, десетици дронови сè уште кружат над украинското небо.

„Киев беше двапати погоден, прво со балистички ракети, а потоа и со беспилотни летала наутро“, напиша тој.

Според него, службите за итни случаи во моментов се на терен и им пружаат помош на луѓето.

„Моментално има извештаи за седум повредени, вклучувајќи четири деца. За жал, една жена и нејзиниот син беа убиени. Мое сочувство до семејството и роднините“, рече Зеленски.

Тој изјави дека од синоќа имало бројни напади врз регионите Запорожје, Донецк, Житомир, Херсон и Дњепар.

„Службите за итни случаи се распоредени на сите овие локации. По рускиот напад со балистички ракети врз Велика Чернечина во Сумската област, Русите почнаа да фрлаат бомби и да го гранатираат подрачјето, токму кога беа во тек спасувачките операции“, рече Зеленски.

Само значително зголемен притисок врз Русија и построги санкции можат да го отворат патот за дипломатија, додаде тој.

„Мора да се спроведат мерки што го лишуваат агресорот од ресурси за водење војна за да се воспостави траен мир. Им се заблагодарувам на нашите партнери кои го делат овој став и ни помагаат“, рече Зеленски, заблагодарувајќи им се на сите што ѝ помагаат на Украина во воздушната одбрана.

Тој нагласи дека Русија мора да биде одговорна за своите постапки.

Две лица се убиени во нападот врз Киев синоќа, потврдија извори блиски до градските власти, објави Укринформ.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, објави на Телеграм дека беспилотни летала ги погодиле горните катови на станбена зграда во Шевченковската област во главниот град.

Кличко изјави дека вкупно седум лица се повредени, меѓу кои и четири деца.

Текстот Зеленски: Мора да се спроведат мерки што ќе ја лишат Русија од ресурси за водење војна е превземен од МАКФАКС.