Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека како опција се разгледува прекинување на односите со Русија.

Тој нагласи и дека побарал веднаш да се запре проектот „Северен поток 2“.

„Добив барање од Министерството за надворешни работи да се разгледа прашањето за прекин на односите меѓу Украина и Руската Федерација“, рече Зеленски додавајќи дека сега ќе го испита и ќе работи на ова прашање.

Зеленски додаде дека Русија мора да биде казнета поради нејзиното признавање на двата региона на Украина под контрола на сепаратистите со итни санкции кои вклучуваат целосно запирање на „Северен поток 2“.

Украинската војска денеска соопшти дека двајца војници се убиени, а 12 се повредени при гранатирање од страна на проруските сепаратисти во Источна Украина во изминатите 24 часа, што е најголем број на жртви оваа година.

Украинските сили на својата фејсбук-страница објавија дека пријавиле 84 случаи на гранатирање од непријателска страна.

Според украинската војска, со употреба на тешка артилерија биле гранатирани околу 40 населени места и позиции вдолж линијата на контакт.

Прикажи повеќе