Украинскиот претседател Володимир Зеленски и полскиот премиер Доналд Туск денеска разговараа за изборите во Полска, војната во Украина и отворањето кластер во преговорите за членство на Украина во ЕУ.

Зеленски вели дека е важно Полска да остане сигурен партнер и пријател на Киев.

„Многу, пред се безбедноста зависи од нашето единство, заеднички став и координирани чекори“, напиша Зеленски.

Тој го информирал Туск за неговиот разговор со американскиот претседател Доналд Трамп и европските лидери во понеделникот.

„Разговарав за подготовката на нашите следни чекори. Притисокот врз Русија како одговор на продолжувањето на војната треба да биде опиплив. Ги координиравме позициите за потребата од отворање на првите кластери за време на полското претседателство со ЕУ. Украина, од своја страна, направи се што е потребно и го заслужува тоа“, истакна украинскиот лидер.

Тој му се заблагодари на Туск за поддршката и подготвеноста да придонесе на патот на европската интеграција на Украина.

Претседателот на Украина претходно ја повика ЕУ да го забрза отворањето на кластерот во преговорите за влез во европскиот блок.

Зеленски истакна дека „една земја-членка не може да ги блокира одлуките кои се важни за целиот континент“ и го повика Советот на ЕУ да го направи одлучувањето во Унијата пофлексибилно.

Унгарија го блокираше отворањето на кластерот за преговори за пристапување на Украина во ЕУ од почетокот на 2025 година, оценувајќи дека „членството на Украина во ЕУ ќе биде товар и за блокот и за Унгарија“.