Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, денеска го нарече историски договорот за минерали меѓу САД и Украина.
„Ова е првиот опиплив исход од средбата во Ватикан, што навистина го прави историски“, објави Зеленски, осврнувајќи се на разговорот со американскиот претседател, Доналд Трамп, на маргините на погребот на папата Франциско во саботата.
Договорот наскоро треба да биде ратификуван од украинскиот парламент.
Според договорот, Украина ќе обезбеди вредни природни ресурси за да може Вашингтон да продолжи да го поддржува Киев во одбраната на земјата од руската инвазија.
„Договорот значително се промени за време на подготвителниот процес. Сега станува збор за навистина еднакво партнерство, кое создава можности за значителни инвестиции во Украина и значајна модернизација на украинските индустрии и, што е подеднакво важно, нејзините правни практики“, рече Зеленски во неговото вечерно обраќање.
„Договорот не предвидува задолжување. Тој предвидува формирање фонд за реконструкција кој ќе инвестира во Украина и ќе генерира профит. Тоа значи дека ќе работиме заедно со Америка, врз основа на фер услови, обезбедувајќи Украина и САД, кои ни помагаат во одбраната, да заработат пари во ова партнерство“, рече Зеленски.
Договорот, како што додаде, е клучен и за напорите на Киев да ги поправи односите со Трамп и Белата куќа, кои се влошија откако тој ја презеде функцијата во јануари.
Текстот Зеленски: Договорот за минералите е прв резултат од мојата средба со Трамп во Ватикан е превземен од МАКФАКС.