Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денес во Киев разговараше со специјалниот претставник на САД за Украина, Кит Келог, за зајакнување на украинската воздушна одбрана и купување оружје со европска помош.
Средбата се одржа еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе испрати противракетни системи „Патриот“ во Украина и пред очекуваното објавување на нов план за вооружување на САД за Киев.
„Разговаравме за патот кон мирот и што практично можеме да направиме заедно за да го приближиме. Ова вклучува зајакнување на украинската воздушна одбрана, заедничко производство и набавка на одбранбено оружје во соработка со Европа“, објави Зеленски на „Икс“. „И секако, санкции против Русија и оние кои ѝ помагаат“.
Трамп, кој го започна својот втор мандат во Белата куќа со поблаг пристап кон Русија, во последните недели стави до знаење дека е разочаран од рускиот претседател Владимир Путин затоа што ги интензивира воздушните напади врз Украина.
Недолго по состанокот, во Киев беше прогласена воздушна тревога.
Американскиот претседател Доналд Трамп неодамна најави испраќање „многу софистицирана“ воена опрема во Украина. Како што објави американскиот портал Аксиос, веројатно е дека на Украина ќе ѝ биде испратено не само одбранбено оружје како што е системот Патриот, туку и офанзивно оружје, вклучително и ракети со долг дострел со кои Украинците ќе можат да напаѓаат цели во Москва.