Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека во третата рунда директни мировни преговори со Русија во Истанбул, Украина ќе инсистира на три клучни точки: враќање на воените заробеници, враќање на децата киднапирани од Русија и подготовка на самит.

„Нашата агенда е јасна: враќање на воените заробеници, враќање на децата киднапирани од Русија и подготовка на состанокот на лидерите“, напиша Зеленски на платформата „Икс“.

„На сите им е јасно дека навистина ефикасни преговори можат да се водат само на ниво на национални лидери“, додаде тој.

Изјавите на Зеленски доаѓаат откако тој пред три дена објави дека Украина предложила продолжување на директните преговори. Новиот секретар на Советот за национална безбедност и одбрана, Рустем Умеров, ѝ понуди на Русија нова средба.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес потврди дека Москва го поддржува одржувањето на третата рунда разговори, но нагласи дека сè уште не е договорен датум.

„Од руска страна, нема промени во преговарачката група“, рече Песков.

Руската делегација сè уште ја предводи претседателскиот советник Владимир Медински. Високи функционери како што е шефот на дипломатијата Сергеј Лавров сè уште не учествуваат во преговорите.

Последните директни преговори се одржаа на 2 јуни во Истанбул, по претходната средба на 16 мај. Пред тоа, директните контакти беа замрзнати со години.

Украина предлага безусловно 30-дневно примирје од март – иницијатива поддржана од Соединетите Американски Држави. Во двата претходни круга во Турција, Русија го отфрли предлогот, нудејќи само „прекин на огнот“ од 2 до 3 дена со цел да се соберат телата на загинатите. Не беше постигнат договор.

Со месеци, Зеленски повикува на средба со рускиот претседател Владимир Путин, кој систематски избегнува директно учество во преговорите.

Турција останува една од ретките земји што одржува отворени канали и со Москва и со Киев. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на 26 јуни изјави дека Анкара работи на организирање средба меѓу Зеленски и Путин, со евентуално учество на американскиот претседател Доналд Трамп.

Еден ден претходно, Песков повтори дека воените цели на Русија „не се променети“ и дека тие ќе бидат постигнати „на бојното поле“, и покрај предупредувањето на Трамп дека ќе воведе „строги“ царини ако Русија не се согласи да ја заврши војната во рок од 50 дена.

Текстот Зеленски: Во третата рунда директни преговори со Русија ќе инсистирме на три точки е превземен од МАКФАКС.