Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска изјави дека го бранел достоинството на Украина за време на тензичниот јавен разговор со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа на крајот на февруари.

„За време на разговорот со Трамп во Белата куќа, го бранев достоинството на Украина… Зошто Украинците се бранеа на почетокот на оваа војна?“

Тој изјави дека Украинците се многу емотивни и дека кога станува збор за нивното чувство за достоинство, слобода, демократија, тој народ се крева и се обединува.

Зеленски рече дека за време на бурната средба со Трамп во Овалната соба минатиот месец, имал чувство дека САД „не заземаат позиција на сојузник“.

„Но, во тој момент постоеше чувство дека не сме сојузници или дека не зазедовме позиција на сојузници“, нагласи украинскиот лидер, зборувајќи за средбата со Трамп во Белата куќа на 28 февруари, која прерано заврши со вербален конфликт.

Зеленски рече дека верува оти официјалните претставници на администрацијата на американскиот претседател „почнале да му веруваат на рускиот претседател Владимир Путин на зборот“.

Според него, американските функционери повторувале руска дезинформација дури и кога нивните разузнавачки информации биле спротивни на тоа.

Како пример ја наведе тезата за „опкружувањето на украинските војници во Курск“, што е тврдење кое Трамп го повтори неколку пати по разговорот со Путин.

„Тоа беше лага. Американските разузнавачки агенции, вклучително и ЦИА, му рекоа на Трамп дека украинските војници не се опколени, но Трамп продолжи да го повторува руското тврдење. Верувам дека Русија, со помош на дезинформации, успеа да влијае на некои луѓе во тимот на Белата куќа. Нивниот сигнал до Американците беше дека Украинците не сакаат да ја прекинат војната и мора да се направи нешто за да се натераат на тоа“, заклучи Зеленски.