Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од Западот оружје и системи за противвоздушна одбрана за да го протера рускиот окупатор од Украина. Зеленски го упати своето барање преку видео обраќање до грчкиот Парламент.
„Мораме да ги запреме. Мора да ја изведеме Русија пред лицето на правдата. За да се спречи Одеса да ја доживее судбината на Мариупол, Украина бара оружје за да ги принуди руските трупи да се повлечат. Ни треба систем за воздушна одбрана против борбени авиони, артилерија и проектили. Ни требаат борбени возила и многу други работи кои Западот многу добро ги знае. Колку побрзо Украина ја добие оваа помош, толку повеќе животи ќе спасиме“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Зеленски упати посебен апел до рускиот народ повикувајќи го да протестира против режимот на Путин.
„Ако сте на страната на мирот, треба барем да се засрамите од она што го прават руските војници во Украина. Неопходно е да се бара крај на војната. Подобро е сега да се соочите со репресивната руска машина и да изгубите нешто, отколку до крајот на животот да бидете рамноправни со фашистите“, нагласи Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Светската здравствена организација денеска соопшти дека руските сили нападнале најмалку 91 здравствена установа и тим во Украина, акција што ја сметаат за чин против слободите и човековите права. СЗО известува дека сите напади се документирани и ќе се користат како доказ против Русија во судењата за воени злосторства. Во пресрет на самитот на НАТО во Брисел, украинскиот министер за надворешни работи Димитри Кулеба повика и на воена поддршка од Северноатлантската алијанса за да се спречи повторување на масакрот во Буча. Украинската армија денеска информираше дека напредува на истокот од земјата, особено во Харков и Херсон, каде според нив е вратена контролата, а руската армија се повлекла зад границата. Од друга страна, Армијата на Руската Федерација најави нова специјална ракетна операција во Миколаев, Запорожје, Харков и Чугуев.
Адријан Керими