Секој трет турски новинар е невработен, а 95 отсто од медиумите во земјата се под контрола на владата, се вели во соопштението на Здружението на новинари на Турција (ТГЦ), објавено по повод денешното одбележување на Денот на работните новинари во Турција.
„Поминаа 63 години откако на 10 јануари 1961 година беше донесен Законот 212, со кој за првпат се заштитуваат правата на новинарите. Иако постоењето на законот е гаранција, во пракса продолжува неправдата кон условите за работа на новинарите“, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на организацијата кое го пренесува МИА.
Во текстот се наведува и дека бројот на медиуми кои се затвораат под притисок на владата и намалувањето на медиумските организации рапидно се зголемува.
„Кај нас, каде 95 отсто од медиумите се контролирани од власта, секој трет новинар останува без работа“, се вели во декларацијата.
Во многу институции каде што се применува Законот за работни односи за медиумите (Закон 212), на новинарите не им се исплаќа отштета при отказ, посочуваат од Здружението, додавајќи дека на новинарите кои се членови на синдикатите им е ускратено правото на штрајк.
Здружението на новинари во Турција забележува дека Врховниот совет за радио и телевизија (РТУК) минатата година изрече 59 казни во вредност од 67.850.000 турски лири (околу 2,07 милиони евра) за медиуми кои ја критикуваат владата.