Од 12 до 18 август во државава регистриран е 271 нов случај на болни од Ковид-19 што претставува зголемување од 60,4 проценти во однос на претходната недела. Тестирани се вкупно 608 материјали во лабораториите каде се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 33,3 проценти.
Во тековната недела, регистрирани се заболени лица во општините од 17 градови. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје – 152, Кавадарци – 25, Тетово – 23 и од Охрид – 22, a највисока инциденца е регистрирана во Кавадарци, пишува во извештајот на Институтот за јавно здравје објавен попладнево.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, а најголем број случаи пријавени се во возрасната група над 60 години.
Во текот на минатата недела, пријавено е едно починато лице асоцирано со Ковид-19. Се работи за лице на возраст над 60 години, со коморбидитети, невакцинирано со вакцина против Ковид-19, појаснуваат од ИЈЗ.
Заклучно со 18 август, пријавени се вкупно 351.364 случаи на Ковид-19 од кои 23.245 реинфекции.
Регистрирани се 167.343 машки и 184.021 женски заболени лица. Најголем број заболени се на возраст над 60 години – 90.796, додека највисок морбидитет (26.333,6/100.000) се регистрира кај возрасната група од 30-39 години, пишува во извештајот.
Комисијата за заразни болести излезе со препораки за почитување на основните мерки за превенција од Ковид-19, а министерот за здравство Арбен Таравари денска на прес-конференција поврди дека има пораст на бројот на заболени и апелираше да се почитуваат препораките од здравствените власти.
Првиот случај на Ковид 19 во земјава беше регистриран на 26 февруари 2020 година.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.