За 37,6 отсто е зголемен бројот на позитивни на ковид-19 во однос на минатата недела, а најмногу заразени има меѓу 30 и 49 години, покажува извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) кој се однесува за период од 27 декември 2021 до втори јануари 2022 година.
Во овој период се тестирани вкупно 35.362 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на САРС-КоВ-2, со зголемување од 43,2% во однос на минатата недела.
Регистрирани сe 2.643 нови позитивни случаи од 34 градови во државата, за 37,6% повеќе во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=1.422; 53,8%).
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапени се возрасните групи на лица од 30-39 (23,4%) и 40-49 (17,9%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 (2,8%). Се забележува зголемување на бројот на заболени кај сите возрасни групи со најголемо зголемување кај возрасната група 20-29 (n=436), каде зголемувањето е за два пати и возрасната група 30-39 (n=618) со зголемување за 55,7% во однос на претходната недела.
Во текот на мината недела вкупно се пријавени 133 реинфекции, со зголемување од 3 пати во однос на претходната недела.
Пријавени се 57 смртни случаи во 16 градови во текот на изминатата недела, за 35,7% повеќе
во однос на минатата недела. Најголем дел од нив се од Скопје (28). Во однос на возраста, најголем број (84,2%) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50-59 години (6), 40-49 години (2) и 30-39 години (1).
Според извештаите од болниците моментално се хоспитализирани 249 лица (20,2%помалку во споредба со претходна недела), а од нив 151 се на кислородна поддршка (17,9% помалку во споредба со претходна недела) и 9 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација (50,0% повеќе во споредба со претходна недела).
Заклучно со 02.01.2021 вкупно се регистрирани 1.192 реинфекции (0,5%), од кои кај два случаи реинфекција е регистрирана по втор пат. Од реинфекциите, 10 завршиле со смртен исход.
Регистрирани се 8 смртни случаи кај бремени жени и 37 смртни случаи кај здравствени работници. Од смртните случаи, 558 (7,0%) починале во вонболнички, а 7.423 (93,0%) во хоспитални услови.
Заклучно со 31.12.2021, вакцинирани се вкупно 858.682 лица со барем една доза на вакцина против COVID-19 во државата и странство.
Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 832.120 лица, а со трета доза се вакцинирани 103.052 лица.
Со една доза на вакцина против ковид-19, во државата и странство, вакцинирани се 51,5% од населението над 18 годишна возраст, односно 47,6% од население над 12 годишна возраст, додека од вкупното население вакцинирани се 41,5%.
Опфатот со две дози на вакцина против COVID-19 кај населението над 18 годишна возраст изнесува 49,9%, односно 46,1% кај население над 12 годишна возраст.
Опфатот со две дози кај вкупното население изнесува 40,2%. Најголем дел од лицата вакцинирани со две дози припаѓаат на возрасната група од 25- 49 години.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.