Португалскиот тренер Жозе Мурињо изјави дека требало да ја напушти Рома уште пред да добие отказ во јануари и дека би сакал да се врати во Серија А, но и да биде селектор на португалската репрезентација.
Мурињо беше отпуштен од Рома во средината на јануари, а неколку месеци подоцна потпиша двегодишен договор со Фенербахче.
Во интервју објавено денеска за „Кориере дело Спорт“, Мурињо беше запрашан дали жали за некоја одлука во кариерата.
„За многу работи, ако зборуваме за натпреварите. Во врска со личните одлуки – „не“ што му го кажав на (претседателот на Реал Мадрид Флорентино (Перез). Тој ми рече: „Мо, не оди сега, ја заврши напорната работа дел, сега почнува најдоброто”. Знаев дека тоа е вистина, но сакав да се вратам во Челзи по три години големи предизвици во Шпанија. Потоа настаните во Будимпешта, не хаосот со судијата Тејлор, но тоа што не заминав веднаш, требаше тогаш да ја напуштам Рома. Не го направив тоа и беше грешка“, рече Мурињо.
Мурињо ја предводеше Рома до две последователни финалиња на европските натпреварувања. Во првата, тимот ја освои Конференциската лига во 2022 година, а една година подоцна загуби од Севилја во финалето на Лига Европа. Мурињо после тоа остана во клубот, но шест месеци подоцна доби отказ.
По отказот купи билети за првиот натпревар на стадионот „Олимпико“, но не дојде на стадионот.
„Не еден, купив четири билети. Бев во хотелот со помошниците и ми рекоа дека заслужувам да се поздравам со навивачите и дека имаат желба да се збогуваат со мене. Размислував за тоа, но се плашев дека можам да бидам обвинет дека малтретирам некого, а јас не правам такви работи“, изјави Мурињо.
Тој додаде дека си ја сака работата.
„Го сакам фудбалот и мојата работа. Не сакам да чекам идеална можност, совршено место, а уште помалку да се одморам. Знам дека тоа им се допаѓа на многу луѓе или барем така велат. Дојдов во клуб кој многу ме посакуваше и тоа го докажа уште од првиот ден“, изјави Мурињо за неговото доаѓање во Фенербахче.
Мурињо ја освои тројната круна со Интер во 2010 година и изјави дека би сакал да се врати во Серија А, како и еден дена да ја предводи португалската репрезентација.
„Не ја гледав Рома, но го гледав Интер. Сакам да бидам на Европското првенство или Светското првенство и да ја обединам земјата околу тимот, како што сум правел многу пати со клубовите. Сакам да го направам тоа за фудбалот и она што го претставува овој спорт. Тоа би било неверојатно“, изјави Мурињо.
Текстот За што жали Мурињо? Португалецот ги откри плановите за во иднина е превземен од МАКФАКС.