Во последните седум дена, од 9 до 15 февруари се пријавени 17 нови случаи на голема кашлица, со зголемување од 21 отсто во однос на претходниот неделен период за пријавување, покажуваат податоците од неделниот извештај на Институтот за јавно здравје(ИЈЗ).
Од ИЈЗ информираат дека сите пријавени случаи се од Скопје, а најголем број се од возрасната група од 10 до 19 години. Според податоците на ИЈЗ, од новите 17 случаи, пет случаи се хоспитализирани, од кои три деца на возраст до четири години, и по едно во возрасна група од 5 до 9 години и од 10 до 14 години.
Од ИЈЗ посочуваат дека од добиените податоци од центрите за јавно здравје низ целата земја во периодот од 18 јануари до 14 февруари пронајдени се 4 197 деца пропуштени за вакцинација, од нив се вакцинирани 984 (23 отсто).
Од вакцинираните, најголем број и процент примиле I-ва ревакцина (439; 45 отсто). Согласно возраста и Календарот за редовна вакцинација, вакцинирани се 4.679 деца на возраст до 7 години, а најголем број и процент (1.591; 34 отсто) од вакцинираните примиле II ревакцина на школска возраст, посочуваат од ИЈЗ.
Првиот пријавен случај со голема кашлица беше јануари годинава. Заклучно со вчерашниот ден во ИЈЗ се регистрирани вкупно 39 случаи на голема кашлица. Најголем број од граѓаните кои се заболени со голема кашлица живеат во Скопје – 33 (84,6 отсто) во девет различни општини, три лица во Куманово, двајца во Гостивар и еден во тетовско Боговиње.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.