Хотелот, наречен Natura Vide Skylogde, се состои од необични соби како капсули во карпите, сместени во регионот Куско во Перу.
Сместувањето нуди неверојатен поглед на долината и реката Урубамба, а до него посетителите можат да стигнат само доколку се искачат, секако со помош на сигурносни јажиња. Сите посетители мора да се искачат по стрмниот планински пат „виа ферата“ до височина од 400 метри.
Таканаречениот „висечки хотел“ е оддалечен само 12 километри од Мачу Пикчу, светиот град на Инките и веројатно најпознатата туристичка дестинација во Перу.
Посетителите го опишаа времето во хотелот како уникатна авантура, а особено им се допадна отворениот покрив бидејќи можеа да ги гледаат ѕвездите навечер, пренесува Euronews.
Лорен Кригел од Алјаска истакнува дека и се допаднало речиси се во хотелот.
Качувањето беше напорно. Не се плашам од височини, но имаше моменти кога се чудев колку сум висока. Храната беше одлична. Самата капсула е многу удобна и добро опремена, има и тоалет и мијалник. Завесите се отвораат во текот на ноќта, па можев да заспијам гледајќи во ѕвездите“, вели таа.
Лорен дошла сама во хотелот, но, како што вели, тоа не и било проблем, ниту пак го расипало искуството.
„Другите гости беа главно парови, но ова е патување на кое навистина може да се оди сам“, додава Кригел.
Ресторанот Capsule служи оригинална перуанска кујна, а гостите кои не се од хотелот можат да го посетат за ручек.