Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените ЕСЕ по направена финансиска анализа апелира државата да обезбеди опфат со скрининг за рак на грлото на матката, со цел да се намали смртноста од ракот на грлото на матката и да се намалат трошоците за лекување.
Месец јануари е месец за подигање на свесноста за ракот на грлото на матката. Ракот на грлото на матката претставува четврт најчест карцином помеѓу жените. Меѓународната агенција за истражување за рак се фокусира на три приоритети кои имаат влијание врз намалувањето на оптоварувањето од ракот на грлото на матката на глобално ниво, тоа се: вакцинација против ХПВ, навремено лекување на предраковите промени на грлото на матката и унапредување на опфатот на жените со скрининг на рак на грлото на матката, соопштуваат од ЕСЕ.
Според спроведената анализа насловена „Која е цената на тоа што немаме организиран скрининг на рак на грлото на матката?“, само во 2017 година се изгубени 574 години на живот помеѓу жените, поради предвремена смртност од ова заболување.
Наодите кои ги користи ЕСЕ при анализата покажуваат дека опфатот со скрининг за рак на грлото на матката треба да се обезбеди на 80 отсто од жените на возраст од 24 до 60 години, а за да се постигне тоа, потребно е државата за тригодишен период да одвои 168.728.100 денари, или во просек, 56.242.700 денари годишно за оваа намена.
Годишните трошоци поврзани со ракот на грлото на матката (од страна на државата и од страна на жените) се проценуваат на минимум 39 милиони денари. Бидејќи при подготовката на оваа анализа немавме пристап до сите податоци за трошоците, можеме да констатираме дека реалните годишни трошоци се повисоки од оваа сума. Со средствата произлезени од анализата, и со доследно спроведување на скринингот ќе се спречи предвремената смртност и ќе се унапреди квалитетот на животот помеѓу жените. Воедно ќе се избегнат трошоците на товар на државата и жените, што се резултат на ненавремено откривање на ова заболување“, посочуваат од Здружението.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.