Шведскиот филм „Престолонаследникот и враќањето на Тиранинот“ од Торд Даниелсон е најдобар кај јуниорите (шесто до деветто одделение), а рускиот „Од почеток“ од Полина Кондратева е најдобар за кадетите и сениорите (прва до четврта година средно) на 13. „Џифони Македонија“, што заврши синоќа.

Вообичаено, по изгледаните филмови во повеќе категории, жирито на фестивалот кое се состои од сите негови учесници, гласаат за наградите на фестивалот.

Кај јуниорите, најдобар краток ученички филм е прогласен „Безвредна борба“ (Combat de merda) од Нико Ферари и Таина Арагонес (Шпанија). Најдобар краток филм е „Метеора“ на Микеле Бучи од Италија.

Во категоријата на кадети и сениори најдобар ученички филм е „„Доста е!“ од Јоханес Брандвајнер и Ана Хилтгартнер (Австрија). Најмногу гласови за категоријата краток филм освои „Андромеда“ од Ана Меликјан (Русија). Најдобар анимиран краток филм е прогласен „17 часот“ од Флака Коколи (С. Македонија / Косово).

Неда Стојановиќ, Јана Петрушевска и Бисера Чоневска се првите учеснички на „Џифони Македонија“, избрани за наредното издание на „Џифони експериенс“ во 2026 година.

На последната вечер што се одржа во киното „Фросина“, видовме што креирале учесниците на фестивалот во изминатите денови, на нивните работилници. Мјузикл, фотоизложба, кратки филмови… го видовме раскошниот талент на нашите џифонци, предводени од нивните ментори. Фестивалот се одржа под мотото „Да се стане човек“.

Давиде Русо, директорот за институционална соработка на „Џифони експериенс“ му се заблагодари на тимот на „Џифони Македонија“ за добрата работа.

– Ги поздравувам италијанските учесници и поздрав до Дарко Башески, едниот дел е дрвено пиперче што се верува дека носи среќа, а другиот дел е симбол на градот Џифони. Благодарение на финансиската поддршка од Италијанското Министерство за култура, а од оваа година и италијанската агенција за млади, го организираме фестивалот и подобро – рече Русо.

Ви благодарам за целата поддршка и за големата мотивација. Џифони фестивалот е голем извор за мотивација и инспирација. Тие џифонци што ја посетуваат Италија го знаат тоа, истакна Дарко Башески, директор на фестивалот „Џифони Македонија“ во поздравниот говор.

Во изминатите шест дена Скопје беше домаќин на 400 учесници од Македонија, како и 30-ина од Италија, Швајцарија, Данска, Романија, Србија, Косово и Црна Гора. Младите учесници од другите земји се сместени во фамилиите на нивните врсници од Скопје.

Текстот Затворен 13. „Џифони Македонија“ – избрани најдобрите филмови на фестивалот е превземен од МАКФАКС.