Еврокомесарите за конкурентност Маргрете Вестагер, за трговија Валдис Домбровскис и за внатрешен пазар Тиери Бретон денеска во Вашингтон ќе учествуваат на петтиот Совет за трговија и технологија ЕУ-САД, јави дописникот на МИА од Брисел.
На состанокот на Советот ќе се разговара за клучните трансатлантски прашања, вклучително и за соработката за одржливост на трговија, економска безбедност и сигурноста на системите за снабдување, новите технологии и вештачката интелигенција.
Целта на овие дебати е да се подготват материјали за утврдување на клучните приоритети за министерски состанок на Совет за трговија и технологија, што ќе се одржи напролет во Белгија.
За време на престојот во Вашингтон, Вестагер и Домбровскис, кои воедно се и извршни потпретседател на Европската комисија, ќе имаат билатерална средба со американската секретарка за финансии, Џенет Јелен, а ќе учествуваат и на дискусија посветена на Пакетот за економска безбедност на ЕУ, што ќе се одржи Центарот за стратешки и меѓународни студии (ЦСИС).
Вестагер заедно со американската секретарка за трговија Џина Раимондо денеска ќе учествува и на панел во организација на Атлантскиот совет.
Домбровскис, дополнително ќе се сретне и со американската трговска претставничка Кетрин Таи и со конгресмените Џејсон Смит и Ричард Нил, претседател и член на Комитетот за насоки и средства на Претставничкиот дом, во чија надлежност меѓу останатото се даноците, царините и социјалната и здравствената заштита. Тој, исто така, ќе има обраќање пред Трговската комора на САД на тема „2024: Клучна година за меѓународниот поредок заснован на правила“.
Бретон, пак, ќе има средба американскиот секретар за внатрешна безбедност Алехандро Мајоркас во рамки на Кибер дијалогот ЕУ-САД, посветен на понатамошно зајакнување на отпорноста во дигиталната сфера и поттикнување на безбеден глобален кибер простор.
Утре, Вестагер и Домбровскис ќе учествуваат на настанот насловен „Создавање на трансатлантскиот зелен пазар“ на кој ќе се дискутира за можноста за промоција на поинтегриран и поотпорен трансатлантски пазар кој би помогнал за забрзување на транзицијата кон климатска неутрална и циркуларна економија во полза на бизнисите, работниците и потрошувачи од двете страни на Атлантскиот Океан.
Доцна синоќа, по пристигнувањето во Вашингтон, Бретон учествуваше на настан во организација на Центарот за Европа при Атлантскиот совет посветен на одбранбените капацитети и иницијативи на ЕУ за поддршка на Украина и трансатлантското партнерство.