Предлог-измените на правилата за избор на Европскиот парламент, Програмата за работа на Еврокомисијата за 2024 година, евалуацијата на почитувањето на правото во Полска и на вредностите на ЕУ во Унгарија, стратегијата за иднината на Европа, односите на Унијата со Велика Британија и иницијативата на Шпанија за прогласување на каталонскиот, баскискиот и галицискиот за официјални јазици во блокот, се главните теми на денешното заседание на Советот за општи работи на Европската Унија.
Како што јави МИА, еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс ќе го презентира предлогот за измена на Европскиот изборен закон во пресрет на изборите за членови на Европскиот парламент во јуни следната година и ќе ги информира министрите од земјите членки на ЕУ за последните случувања во врска со независноста на судството во Полска, како и за состојбите во Унгарија поврзани со судскиот систем, корупцијата, слободата на медиумите и правата на ЛГБТИ лицата.