Заклучоците од декемврискиот Самит на ЕУ на дебата пред европратениците

Расправата по заклучоците од заседанието на Советот на ЕУ на 14 и 15 декември ќе биде главната дебата на овонеделната јануарска сесија на Европскиот парламент во Стразбур.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, за време на утрешната дебата по оваа точка, европратениците со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен се очекува да разговараат за резултатите од декемврискиот Самит на ЕУ и да ги изложат нивните очекувања од вонредното заседание на Советот на Унијата закажано за 1 февруари, на кое главна тема ќе биде ревизијата на Повеќегодишната финансиска рамка на блокот и како дел од неа и финансиската поддршка за Украина.

Ревизијата на Повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ беше не дневниот ред и на декемврискиот Самит на Унијата, но лидерите на постигнаа согласност по неа поради ветото на Унгарија, која ја блокираше помошта за Украина.

Во рамки на утрешниот дел од заседанието на ЕП ќе биде и расправата за ситуацијата со владеењето на правото и почитувањето на основните права во Унгарија и замрзнатите фондови на ЕУ за земјата, од која треба да произлезе Резолуција, по која европратениците ќе гласаат во четврток.

Денеска, пак, седницата на Европарламентот ќе започне со дебата на европратениците со белгискиот премиер Александер Де Кро посветена на Програмата за работа на претседателството на Белгија со ЕУ во првите шест месеци од годинава.

Во текот на денешното заседание европратениците ќе расправаат и за воената помош на ЕУ за Украина, како и за хуманитарната ситуација во Појасот Газа, потребата од постигнување прекин на огнот и за ризиците од ескалација на конфликтот на Блискиот Исток, од која треба да произлезе Резолуцијата, што ќе биде ставена на гласање в четврток.

За денеска е предвидена и дебата за состојбите поврзани со платформите за стримање на музика. Во врска со ова прашање се очекува утре да биде усвоена и Резолуција со која, според најавите, ќе се бара од ЕУ да се справи со нерегулираниот дигитален музички сектори и да се заштитат авторските права на европските музичари.

За утре се предвидени дебати поврзани со почитувањето на европските вредности во две земји членки на ЕУ – Грција и Словачка. Европратениците по овие теми ќе расправаат за состојбата со владеењето на правото и слободата на медиумите во Грција, вклучително и за наводите за користење на софтвер за следење на комуникациите и за политички влијанија при истрагите во земјата и за реформите на Кривичниот законик со Словачка со кои, меѓу останатото, се ограничуваат надлежностите на клучните антикорупциски органи, како и за импликациите од нив врз владеењето на правото во оваа држава.

Дополнително на утрешното продолжени на седницата ќе се расправа и за ситуацијата во Србија по изборите, по што би требало да биде усвоена и Резолуција.

Во рамки на ова заседание европратениците ќе треба да ја усогласат позицијата на Европскиот парламент во преговорите со Советот на ЕУ за ревизија на Правилата за економско менаџирање на Унијата, во чии рамки за утре е превидена и куса дебата со претставници на Европскиот совет и на Еврокомисијата.

Инаку, јануарското заседание на Европскиот парламент започна вчера доцна попладне со комеморација посветена на поранешниот претседател на Еврокомисијата, Жак Делор, кој почина на 27 декември 2023 година.