На претпоследниот ден од кампањата сосема е јасна разликата на понудите на СДСМ и коалицијата Најдоброто за мојата општина и останатите политички партии и коалиции. СДСМ и Коалицијата на овие избори ја имаат најдобрата кадровска и програмска понуда за секоја општина. Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ нуди стари, потрошени кадри на Груевски, меѓу кои има и осудени лица и лица против кои се водат судски постапки, изјави вечерва на средба со граѓаните во Кичево на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
– Ние нудиме издржани проекти, проектирани според реални состојби, во рамките на буџетите на соодветните општини, со реални рокови и реален план. Кај нив, ќе видите нереални и неостварливи проекти со цел еднократно да ги измамат гласачите, без при тоа да водат сметка за буџети или реални проекции, истакна Заев.
Тој нагласи дека додека Владата предводена од СДСМ решававме децениски проблеми и инвестирав во општините и граѓаните, опозицијата создава проблеми и комплицира и се противеше на секоја мерка што значеше повеќе пари во семејствата.
– Недела е ден за одлука. Одберете го најдоброто за вас и вашите деца, за вашата општина, дајте го вашиот глас за број 12. Но, покрај за градоначалник, заокружете 12 и за листата за советници, затоа што развојот и напредокот на општините зависи и од локалните совети. Да не дозволиме во советите да ни се пресликаат блокадите на ВМРО-ДПМНЕ кои ги гледаме во Собранието. Затоа во недела потребно е да ги поддржиме советничките листи на СДСМ и Коалицијата, советничките листи кои ќе реализираат, а нема да блокираат проекти. Во недела на 17 октомври да заокружиме 12 да го избереме најдобриот градоначалник и најдобрата советничка листа за нашата општина, порача Заев.
Носителот на листата на кандидати за членови на Советот на Општина Кичево на коалицијата предводена од СДСМ, Иванчо Божиноски на средбата со граѓаните се осврна проектите кои треба да се реализираат во наредниот мандат.
– Ревитализација на спортските терени во Крушино, реконструкција на патот за манастирот Света Пречиста, зазеленување на просторот околу автопатот што поминува над Кичево, целосна обнова на „соколаната” и спортската сала „Јанчица”, како и изградба на стационар за кучињата скитници, рече носителот на листата на СДСМ и коалицијата, која од страна на Заев беше оценета како една од најквалитетните за овие избори.