Зад фасадата на неутралноста: Разобличување на дипломатското лицемерие

ЏАБИР ДЕРАЛА

Србија, главниот канал за овозможување руски хибридни операции на Балканот, гласаше за поддршка на Заедничката изјава од Самитот за мир во Швајцарија, 15-16 јуни. На овој самит се собраа државници и високи претставници од 100 и повеќе држави во светот за да разговараат за мир за Украина што е услов за постигнување на глобалниот мир и безбедност. Дури 80 земји се потпишаа под изјавата со која ја осудија руската агресија и побараа почитување на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина во нејзините меѓународно признати граници, вклучително и територијалните води.

Зошто Србија учествуваше на Самитот за мир и гласаше ЗА? Се работи за стратешки чин на балансирање. Со гласањето „за“, Србија има цел да ја задржи својата деликатна позиција, божем неутрална, но која може да се опише како „седење на две столчиња“. Овој маневар ѝ овозможува на Србија да се усогласи со очекувањата на Западот, со што ќе избегне зголемен притисок, но и користење на придобивките од западната финансиска помош, а истовремено да ја продолжи својата проруска политика зад сцената.

Блискоста на Белград и Москва е потврдена во безброј примери, на ниво на соработка на српските со руските безбедносни служби, политичката поддршка и целосната отвореност кон руските пропагандни операции. Додека Западот ги забрани руските пропагандни канали како Раша Тудеј и Спутник, во Белград имате ТВ студио на Спутник на српски јазик. Како министер за внатрешни работи, Александар Вулин им донесе робија на руските опозиционери Пивоваров и Кара-Мурза, со тоа што целосно ги стави во служба капацитетите на српските безбедносни служби во операциите за прогон на руските опозиционери, односно обезбедија „доказен материјал“ и ѝ ги испорачаа руските опозиционери на Москва. Да не заборавиме, злосторничката приватна армија „Вагнер“ своевремено отвори канцеларија за мобилизација во Белград. И тоа, се разбира, не е сè.

Слично се позиционираат и други политичари во регионот, вклучително и дел од македонските, познати по своите ултра-националистички и антизападни ставови, кои никогаш не ја осудиле руската агресија, освен ако тоа им служи на нивните стратешки интереси. Кога ќе изјават нешто што е на линија на политиката на Западот, тоа максимално се пропагира во медиумите под нивна контрола кои, инаку, постојано шират националистички, антизападни и проруски наративи, најчесто сосема отворено и бесрамно, додека други „балансирани“ медиуми тоа го прават донекаде прикриено.

Импликациите од двојниот пристап кон клучните прашања како што е руската агресија се сериозни. Со тоа што изгледа дека ги поддржува меѓународните мировни напори, истовремено поттикнувајќи ги проруските сентименти во земјата и со целосно овозможување на руските хибридни тактики, Србија дополнително го комплицира геополитичкиот и безбедносниот пејзаж на Балканот. Оваа дволичност не само што ја поткопува регионалната стабилност, туку и претставува предизвици за меѓународните дипломатски напори насочени кон ограничување на руското влијание, а во тој контекст и напорите за ставање крај на руската агресија.

Со други зборови, време е да се стави крај на наивноста во политиката и меѓународната дипломатија. Спорадичните изјави на поддршка се во остар контраст со практиките во чија основа е поддршката и соработката со криминалниот режим во Кремљ. Неуспехот да се препознае дисонанцата помеѓу лицемерните јавни изјави и контрадикторното дејствување може да доведе до сериозни стратешки грешки.

ПС. Оваа анализа може да се примени и на дел од европските држави, за жал.


Текстот е личен став на Авторот | ЦИВИЛ МЕДИА

За претходните дози еспресо, КЛИКНЕТЕ ТУКА.