Еден италијански турист загина, а седум други се ранети во напад со автомобил во близина на плажа во Тел Авив во петокот (7-ми април), соопштија израелските власти.

Advertisements

Италијанскиот министер за надворешни работи изјави дека убиениот бил италијански државјанин, Алесандро Парини.

Снимката од местото на настанот покажува превртен автомобил во близина на шеталиштето и израелски полицаец кој отвора оган.

Израелското Министерство за надворешни работи посочи дека се работи за терористички напад, иако се уште не е јасно што се случило, пренесе агенцијата АП.

Израелската полиција соопшти дека автомобилот удрил во група луѓе во близина на популарниот приморски парк пред да се преврти.

Локалната полиција соопшти дека полицајците го убиле осомничениот напаѓач.

Нападот се случи откако претходно во петокот две сестри беа убиени, а нивната мајка беше ранета во престрелка на окупираниот Западен Брег.

Полицијата во Тел Авив соопшти дека во 21:25 часот по локално време (18:25 часот по средноевропско време), 45-годишен маж возел автомобил Киа покрај градската плажа, удирајќи во неколку пешаци пред да се преврти на тревникот на Чарлс Клор.

Израелските служби за итни случаи соопштија дека освен наводниот сторител, во нападот имало вкупно осум жртви и дека сите се туристи.

Од ранетите тројца се здобиле со тешки телесни повреди, но не се опасни по живот, а четворица се само полесно повредени, се вели во соопштението./sle/