Тела на загинати цивили по улиците и рушевини од бомбардираните куќи и објекти е пустошот во селата и градовите на северот на Украина, по повлекувањето на руските воени сили. Властите во Киев на терен испратија екипи кои започнаа истрага за над четири илјади случаи на воено злосторство.
„Ги документираме фактите за руската агресија во регионот Макарив, ги истражуваме нивните злосторства и во моментов бараме жртви, ги идентификуваме, ги интервјуираме жителите и дополнително документираме“, вели Ала Пустова – претставник на полицијата.
Една од документираните изјави е и на 51-годишниот жител на селото Андријвка, Васил Маљуга, кој сведочи дека војниците им ги одзеле мобилните телефони.
„Потоа ме донесоа тука, можам да ви покажам. Половина час подоцна донесоа уште едно лице и со лисици десната рака ми ја заврзаа за неговата лева. Не оставија така да лежиме и ни донесоа храна после ден и половина“, вели тој.
„Неказнетото зло може да стане уште посурово и пострашно. Ако светот не реагира, тоа ќе се смета за дозвола за Русија да продолжи со тоа што го прави. Ова не е војна, ова е уништување на нацијата. Ова е геноцид“, вели Наталија Гусева – бегалка.
Со цел да не се повторат ваквите страдања Украина повика на итно организирање на хуманитарни коридори од регионот на Луганск, на истокот на земјата.
„Главните напори на непријателот се насочени кон подготовка на офанзивна операција, чија цел е воспоставување целосна контрола врз територијата на регионите Доњецк и Луганск. Заканата од употреба на морски, воздушни и копнени проектили од страна на непријателот продолжува да опстојува“, рече Олександар Шпутун – Министерство за одбрана на Украина.
Руската државна телевизија денеска објави видео од борби во Луганск, велејќи дека цел на нападите е украинската воена инфраструктура, со цел заштита на локалното руско население.
Лука Андреев