Емисиите на јаглерод диоксид се приближија до нивоата од пред пандемијата со коронавирусот, покажуваат резултатите од најновото истражување објавено денеска, а во кое се посочува дека емисиите од јаглен и природен гас се зголемуваат во енергетскиот и индустрискиот сектор, додека емисиите од транспортот останаа на ниско ниво.
Очекувавме одредено зголемување. Тоа што нѐ изненади е интензитетот и брзината на зголемувањето – рече лидерот на истражувањето Пјер Фридлингштајн, истражувач за климатско моделирање од Универзитетот во Ексетер.
Во 2020 година емисиите на CO2 се намалија за рекордни 1,9 милијарди тони, што беше намалување за 5,4 отсто, откако сите земји воведоа локдауни и затворање на економиите. Новиот извештај подготвен од „Global Carbon Project“ предвидува дека емисиите годинава ќе се зголемат за 4,9 проценти.
Најголемите загадувачи во светот, Кина и Индија, се очекува да имаат повисоки емисии во 2021 година отколку во 2019 година, а САД и Европа треба да забележат нешто побавно зголемување на емисиите на штетни гасови.
Кина и во 2020 година беше над просекот бидејќи инвестициите во закрепнување од пандемијата доведоа до големо зголемување на употребата на јаглен, и покрај намалувањето на емисиите во некои земји.
Истражувањето предвидува дека вкупните глобални емисии годинава ќе достигнат 36,4 милијарди тони јаглерод диоксид.
Извештајот е објавен за време на средбата на лидерите на самитот на ОН за климата во Глазгов, во Шкотска.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.