Истражувањата спроведени од почетокот на пандемијата покажуваат дека населението изложено на загаден воздух е помалку отпорно на Ковид‐19 и дека загадувањето на воздухот може да ги влоши симптомите од вирусот – ова го констатира Европскиот фонд за Балканот при спроведувањето на кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“ заедно со партнерите од регионот.
Еден од главните еколошки проблеми со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан е лошиот квалитет на воздухот. Загадувањето на воздухот и пандемијата Ковид‐19 придонесоа за зголемена смртност во регионот. Кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“ ги повикува надлежните институции и граѓаните во земјите од Западен Балкан да ги здружат силите и да го подобрат квалитетот на воздухот и да ја намалат смртноста предизвикана од пандемијата.
Досегашното истражување покажува дека загадениот воздух на глобално ниво ја зголемува смртноста од Ковид‐19 за 15%, а во Европа за 19%. Утврдено е и дека секое зголемување на концентрацијата на ПМ честичките за еден микрограм на кубен метар, предизвикува пораст на смртноста од Ковид‐19 за 11%.
Расте бројот на докази и научни студии за врската помеѓу загадувањето на воздухот и Ковид‐ 19, но треба да се земат предвид нивните ограничувања, особено фактот дека сè уште недостасува релевантна студија за Западен Балкан. Потребни ни се еколошки и епидемиолошки студии за поврзаноста помеѓу загадувањето на воздухот и пандемијата Ковид‐19 за овој регион. Тие мора да бидат прецизно планирани и имплементирани за да се овозможат соодветни заклучоци и предлог мерки.
Со кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“, ги повикуваме носителите на одлуки да го зголемат учеството на претставниците на здравствениот сектор во процесите на донесување одлуки, со цел да се обезбеди навремена интеграција на здравствените мерки во политиките за животна средина. Исто така, неопходно е да се подобри ефикасноста во спроведувањето на законите и одлуките од областа на заштитата на животната средина, за да се постигнат поголеми здравствени и економски придобивки за сите граѓани.
Неопходно е да се вклучат мерки за подобрување на квалитетот на воздухот во јавните политики и плановите за закрепнување од Ковид‐19, во согласност со обврските од Зелената агенда за Западен Балкан, кои се прифатени од сите држави.
Кампањата „Oбединет Балкан за чист воздух“ беше иницирана од Европскиот фонд за Балканот во партнерство со следните организации: Еко Форум од Зеница, Институт за територијално управување со животната средина од Тирана, Сбункер и Балкан Грин Фондација од Приштина, Air Care од Скопје. , ОЗОН од Подгорица, Регулаторниот институт за обновливи извори и животна средина и Отворено училиште Белград од Белград. Се одржува втора година по ред, со цел да се подигне свеста на граѓаните во регионот за причините и последиците од загадувањето, можните начини за подобрување на квалитетот на воздухот и борбата за поздрава животна средина.
„Обединет Балкан за чист воздух“ ја нагласува потребата од регионална соработка за трансформација на енергетската индустрија и системот за заштита на животната средина, што би ја подобрило и економијата и јавното здравје.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.