Основачот на Викиликс Џулијан Асанж беше ослободен од затвор и е на пат кон родната Австралија, откако неговата 12-годишна битка против екстрадицијата во САД заврши со договор за признавање вина, објави Си-ен-ен.
Контроверзниот Асанж ги помина последните пет години во затвор со висок степен на обезбедување во југоисточен Лондон, а речиси седум години пред тоа се криеше во амбасадата на Еквадор во британската престолнина, обидувајќи се да избегне апсење што можеше да доведе до доживотен затвор за него.
Во понеделникот, Асанж (52) се согласи да се изјасни за виновен за обвинение за кривично дело поврзано со неговата наводна улога во едно од најголемите обелоденувања на доверливи материјали од страна на американската влада, откако неговата веб-страница објави речиси половина милион тајни воени документи поврзани со војните на САД во Ирак и Авганистан.
Договорот за признавање вина ја заврши долгогодишната правна сага, дозволувајќи му на Асанж да избегне затвор во САД и да се врати во Австралија како слободен човек.