По повод јубилејот „80 години Македонски народен театар“ наш драг гостин ќе биде големиот украински режисер, Андриј Жолдак, еден од најголемите режисери на денешницата во Европа, соопшти МНТ.

Откако се пресели во Германија во 2006 година, Жолдак соработувал со различни престижни институции, како што се Театар Оберхаузен, Берлинер Фестшпиле и Виенскиот фестивал. Во 2004 година, тој беше награден со УНЕСКО наградата за изведувачки уметности. Во 2010 година, Андриј Жолдак продолжи да дава значаен придонес во светот на театарот. Особено се истакна со режијата на „Ана Каренина“ во Градскиот театар во Турку, Финска. Оваа продукција му ја донесе наградата Талија, доделена за најдобра финска претстава во таа година. Една од најважните години за него беше 2023 година: тогаш, Жолдак ја режираше операта „Замокот на Синобрадиот“ од Бела Барток во Операта во Лион, Франција. Подоцна истата година, во јуни 2023, тој ја постави операта „Фиделио“ од Бетовен во Холандската национална опера во Амстердам.

Што се однесува до збирката на дела на Жолдак во Скопје, таа ја вклучува продукцијата на „Електра“, која премиерно беше изведена на сцената на Македонскиот народен театар на 5 септември 2014 година, а тоа и е неговата 41. професионална театарска режија. Претставата доживеа големи успеси во Македонија и надвор од границите, проследени со многу патувања на реномирани домашни и странски фестивали, како и голем број награди. Претставата „Електра“ беше избрана за најдобро уметничко остварување во целина на 50. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, ја понесе наградата за најдобра режија, актерката Дарја Ризова ја доби наградата за најдобра женска улога, актерката Звездана Ангеловска доби награда за епизодна улога, а наградата за млад актер му припадна на Александар Ѓорѓиески. Потоа претставата на 4 септември 2015 година го затвори и Меѓународниот театарски фестивал НЕТА во Букурешт. Македонскиот народен театар со претставата „Електра“ зема учество и на 30. Театарски фестивал ФИАТ во Подгорица, Р Црна Гора, каде освои три награди, „Електра“ е прогласена за најдобра претстава, Жолдак доби награда за најдобра режија, а Дарја Ризова за главна женска улога.

Македонската публика имаше можност да ја види претставата „Електра“ на 19 септември 2015 година, во рамките на Меѓународниот фестивал на античка драма „Стоби“ и таму следеше награда за најдобра актерка, повторно за Дарја Ризова. Во рамките на јубилејниот 40. Меѓународен театарски фестивал МОТ, „Електра“ се одигра на сцената на МНТ на 28 септември 2015 година.

Во 2017 година, „Електра“ учествуваше на 57. МЕСС, еден од водечките фестивали во овој дел од Европа, на истиот претставата брилираше, а актерката Ризова ја добива наградата за најдобар млад актер „Рејџан Демирџиќ“.

Жолдак, кој режира во повеќе европски центри, еднаш изјави дека е задоволен од соработката со ансамблот на МНТ и за нашиот театар рече дека станува можеби најдобар на Балканот, а за Македонија дека веќе е негов втор дом.

Андриј Жолдак во 2016 година ја продолжува соработката со МНТ и во копродукција со „Винер Фествохен“, еден од најголемите европски театарски фестивали, ја прикажа светската премиера на претставата „Соларис“ во комплексот MuseumsQuartiers (MQ) во австриската престолнина, а пред скопската публика се одигра есента.

Жолдак не признава бариери, комбинира комедија дел арте со сајберпанк и научна фантастика, се истура со енергија и имагинација. Неговиот театар е чист бес, ја слави ирационалноста и достигнува до самите ѕвезди кои ја инспирираат неговата космогониска визуелна екстраваганција. Затоа и не изненадуваат неговите најнови продукции.

Дипломирал студии по режија на московскиот Институт за филм и театар, под менторство на прочуениот руски режисер Анатолиј Васиљев. Авторската поетика на Жолдак, како и неговиот режисерски ракопис, несомнено се резултати на неговите перманентни интереси за филмот (Фелини, Бергман, Параџанов, Тарковски) и на истражувањата во областа на ликовните уметности. Повеќе години Жолдак го управувал Државниот академски драмски театар „Тарас Шевченко“ во Харков, на чија сцена режирал пет големи проекти кои, освен изведбите во Украина, биле изведени на престижни фестивали во повеќе од триесет европски земји. Во 2005 г. Жолдак ја режира Шекспировата пиеса „Ромео и Џулиета“, реализирана како копродукција помеѓу Берлинскиот фестивал (Berliner Festspiele), Европската агенција за култура (Agency Culture-Europe) и Аладемскиот драмски театар во Харков. По премиерната изведба на Берлинскиот фестивал и последователна изведба во Варшава, украинските власти го забраниле изведувањето на „Ромео и Џулиета“ во самaта Украина, принудувајќи го Жолдак да го напушти театарот во Харков. Оттогаш, тој постојано живее во Берлин, работејќи во водечките театри во Германија, Русија, Финска, Шведска и Швајцарија. Благодарение на својот долгогодишен опит на театарски практичар, како и на постојаниот ангажман во областа на театарската теорија, во текот на последниве години Жолдак е ангажиран како водител на низа теориски и оперативни театарски работилници во Велика Британија, Холандија, Шпанија, Германија, Финска, Франција, Јапонија.

Добитник е на голем број на награди.

Текстот Жолдак гостин на МНТ е превземен од МАКФАКС.