80-годишна жена од регионот Горењска почина откако ја каснала змија поскок, што е прво фатално каснување од оваа отровна змија во Словенија во последните три децении, соопшти денес Клиничкиот центар во Љубљана.

Змијата ја каснала жената за раката, по што изгубила свест дваесет минути подоцна и починала на пат кон болницата и покрај обидите за реанимација.

Раководителот на токсиколошкиот центар на болницата, Миран Брвар, истакна дека каснувањата од змија во Словенија ретко се фатални. Минатата година, 24 лица биле лекувани, а седум пациенти добиле противотров во Љубљана, додека неколку од нив биле лекувани во Марибор, пренесува СТА.

Тој додаде дека смртоносните исходи обично ги погодуваат ранливите групи, како што се доенчиња или постари лица со постоечки здравствени проблеми, и дека Словенија има доволно залихи на противотрови за приближно 20 каснувања, кои се чуваат во Универзитетската болница Љубљана и Универзитетската болница Марибор.