Жена од градот Есперанца во североисточна Аргентина е излечена од ХИВ. Ова е втор документиран случај каде што некој успеал да го искорени смртоносниот вирус од своето тело, објави медицинското списание „ЈАМА“ за интерна медицина.
Жената го елиминирала вирусот исклучиво благодарение на нејзиниот имунолошки систем, без земање лекови, терапија со матични клетки или други експериментални третмани. Истражувачите од Аргентина и Масачусетс (САД) собирале примероци од крвта на пациентката од 2017 до 2020 година, внимателно набљудвајќи ја ДНК-та. Испитувањата ги водел д-р Ксу Ју од Институтот „Рагон“ при Општата болница во Масачусетс.
Ова ни дава надеж дека човековиот имунолошки систем е доволно силен за да го контролира ХИВ и да ги елиминира сите функционални вируси. Времето ќе покаже, но веруваме дека (пациентката самата) достигнала стерилизирачки лек – рече Ју.
Според написот, истражувачите сè уште не се сигурни како телото на пациентката успеало да се ослободи од ХИВ вирусот.
Веруваме дека тоа е комбинација од различни имунолошки механизми – веројатно се вклучени цитотоксичните Т-клетки, па вродените имунолошки механизми можеби помогнале – додаде Ју.
Единствениот познат случај на пациент кој сам се излекувал од ХИВ, досега е 67-годишна жена од Калифорнија. Познати се и двајца пациенти кои биле излечени од ХИВ со третмани со матични клетки.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.