Омикрон варијантата на коронавирусот се очекува да стане доминантна во Европа во првите два месеци од 2022 година, соопшти Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ).
Се очекува дополнително брзо зголемување на бројот на случаи на Омикрон во Европската економска област (ЕЕА), напиша здравствената агенција на ЕУ со седиште во Стокхолм во проценката на ризикот ажурирана денеска. ЕЕА ги вклучува 27-те земји на ЕУ, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн.
Епидемиолошката ситуација во регионот во моментов сè уште се карактеризира со висок број случаи и ниска стапка на смртност, која сепак полека се зголемува, пишува ЕЦДЦ.
Се уште преовладува варијантата Делта. Според моделот на предвидувањето, сепак, Омикрон веројатно ќе стане доминантна варијанта во ЕЕА во првите два месеци од следната година.
Ова зависи од „распространувањето поврзано со заедницата“ во споредба со Делта и степенот на „значително намалување на ефективноста на вакцината“. Се смета дека е многу веројатно дека Омикрон ќе предизвика дополнителни хоспитализации и смртни случаи.
Следните месеци ќе бидат тешки, истакна еврокомесарката за здравство Стела Киријакидес. Омикрон се очекува да дојде во голем бран и да изврши нов притисок врз здравствените системи, рече таа.
Додека Европејците се подготвуваат за празничната сезона, рече таа, не треба да се заборави на претпазливоста. Вакцинацијата со засилувачки дози треба да биде пресвртница, рече комесарката.
Директорката на ЕЦДЦ Андреа Амон, исто така, рече дека земјите треба да ги зголемат своите напори за целосно вакцинирање на луѓето кои сè уште не биле вакцинирани и да дадат засилувачки вакцини што е можно поскоро.
Меѓутоа, само вакцинацијата не е доволна во сегашната ситуација. Нефармацевтските мерки – како што се носење маски и одржување безбедно растојание – исто така треба брзо да се воведат или зајакнат, рече таа.
Бројот на заразени со варијантата Омикрон во моментов се удвојува на секои два до три дена, изјави претходно претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
– Научниците очекуваат омикрон да биде доминантна варијанта во повеќето европски земји веќе во јануари, рече Фон дер Лајен пред Европскиот парламент во Стразбур. „Овој развој е најзагрижувачки“.
Но, 66 отсто од европската популација – 300 милиони луѓе – сега е целосно вакцинирана, при што на 62 милиони луѓе исто така им се дадени засилувачки дози кои се покажаа дека нудат најдобра можна заштита во моментов против Омикрон, нагласи таа. јт/
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.