Лидерите на Европската унија денеска ќе одржат итен самит на кој ќе разговараат за тоа што да се прави следно во врска со признавањето од страна на Русија на два отцепени региони во источна Украина, откако Унијата вчера ја одобри првата, ограничена рунда санкции.
Рускиот претседател Владимир Путин во понеделникот ја призна независноста на двете сепаратистички енклави во регионот Донбас во источна Украина кои се граничат со Русија и им нареди на војниците да извршат инвазија, продлабочувајќи ги западните стравови од голема војна во Европа. Санкциите на ЕУ кои стапија во сила вклучуваат ставање на црната листа на повеќе политичари и ограничување на трговијата меѓу ЕУ и двата отцепени региона.
„Важно е да продолжиме да бидеме обединети и одлучни и заеднички да го дефинираме нашиот колективен пристап и дејствија“, вели шефот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел во писмото во кое ги поканува лидерите на ЕУ во Брисел. Мишел рече дека агендата на состанокот ќе вклучува дискусија „како да го штитиме меѓународниот поредок заснован на правила; како се однесуваме со Русија, особено барајќи ја Русија одговорна за нејзините постапки; како понатаму ќе ја поддржуваме Украина и нејзиниот народ“.