Високиот претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел, ја повика Србија веднаш да го запре трупањето војска долж границата со Косово и да ги повлече досега распоредените војници.

„Распоредувањето на војската долж административната гранична линија со Косово е многу загрижувачко и мора веднаш да запре. На европскиот континент нема место за зајакнување на вооружувањето и безбедносните сили. Силите треба да се повлечат”, рече Борел.

Борел изјави и дека Брисел разговара со своите партнери и сојузници за актуелната ситуација во северно Косово, каде количината оружје пронајдено од страна на косовската полиција е многу сериозна.

Во петокот и САД ја повикаа Србија да ги повлече своите војници од границата, нарекувајќи го нивното распоредување како чин на дестабилизација.

Европа очекува одговорните за нападот на 24 септември да бидат казнети, а Косово и Србија да се вратат на дијалогот.

„Треба да се вратиме во ситуација кога двете страни разговараат и да се вратиме на дијалогот со поддршка на ЕУ која е единствената платформа за нормализација на нивните односи“, додава Борел.

Нападот се случи две недели откако Курти и Вучиќ не успеаја да постигнат договор за нормализирање на односите за време на самитот за дијалог со посредство на ЕУ во Брисел на 14 септември.

Алсат