ЕУ следната недела најверојатно ќе биде подготвена да го претстави своето мислење за барањето на Украина да се приклучи на Унијата, му пренела претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на претседателот на Украина Володимир Зеленски за време на посетата на Киев.

Advertisements

На денешната заедничка прес-конференција фон дер Лајен рече дека разговорите што ги имала со Зеленски ќе помогнат да се финализира проценката за барањето на Украина до крајот на следната недела. Таа предупреди дека Киев мора да продолжи со владините реформи.

Изнесувањето на мислењето на извршната власт на ЕУ за ова прашање би било само првиот чекор во долгиот процес за евентуално членство на Украина во Унијата.

Цитирајќи неименувани извори, Блумберг на 10 јуни објави дека се очекува Европската комисија да го поддржи статусот на Украина за кандидат за ЕУ и покрај приговорите од Данска и Холандија.

Според Блумберг, евентуалната препорака, за која треба да се расправа и да се усвои, ќе биде условена со владеењето на правото и антикорупциското законодавство.

Зеленски побара членство од ЕУ преку скратена процедура, велејќи дека тоа ќе биде „моќен одговор“ на неиспровоцираната инвазија на Русија.

Ова е втора посета на Украина од страна на Фон дер Лајен од почетокот на руската инвазија на земјата на 24 февруари.

Зеленски смета дека позитивен одговор од ЕУ на украинската апликација за членство може да биде позитивен одговор на прашањето дали европскиот проект воопшто има иднина.

Лидерите на ЕУ треба да разговараат за ова прашање во Брисел на 23 и 24 јуни.