Европската унија му нуди на САД взаемно укинување на царините за индустриски производи, изјави претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен. Подготвени сме да преговараме со САД, понудивме нула царини за индустриски стоки, како што успешно направивме со многу други трговски партнери“, изјави Фон дер Лајен по состанокот со претставници на челичната и металната индустрија.

Истовремено, Комисијата е подготвена да одговори со контрамерки.

„Европа е секогаш подготвена за добар договор, затоа го оставаме на маса. Но, ние сме подготвени да одговориме со контрамерки и да ги браниме нашите интереси“, додаде претседателката на Комисијата.

Американската администрација воведе царини од 25 отсто за увоз на алуминиум и челик, кои стапија на сила на 12 март. Од 3 април, царините се исто така 25 отсто за сите автомобили и автоделови кои не се произведени во САД.

На 2 април американскиот претседател Доналд Трамп објави трговска војна на целата планета и најави реципрочни царини, минимум 10 отсто за сите, а уште повисоки царини за околу 60 земји, кои ќе стапат на сила од среда, на 9 април.

Европската комисија ги анализира можните одговори и се консултира со земјите членки, а првиот одговор треба да следи во среда.

Комесарот за трговија, Марош Шефчовиќ, во Луксембург, каде министрите за трговија на земјите-членки разговараа за трговските односи со САД, изјави дека Комисијата подготвила список со предложени контрамерки кои денеска ќе бидат испратени до земјите-членки. Гласањето е закажано за среда, на 9 април, а контрамерките треба да се применат од 15 април, рече Шефчовиќ.