ЕУ одобри голема германска државна помош за фабрика за полупроводници

Европската комисија денеска одобри германска државна помош од пет милијарди евра за новата фабрика за микрочипови на Европската компанија за производство на полупроводници (ЕСМК) во Дрезден.

ЕСМК е заедничко вложување помеѓу Taiwan Semiconductor Manufacturing Company (TSMC), Bosch, Infineon и NXP.

Поддршката за ЕСМК, одобрена според правилата за државна помош на ЕУ, ќе придонесе за подобрување на европската безбедност на снабдување и отпорност, како и за дигиталниот суверенитет во полупроводничките технологии. Тоа ќе придонесе и за дигиталната и зелената транзиција, објави Европската комисија.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на церемонијата на поставување на камен-темелникот на фабриката во Дрезден рече дека новата фабрика е потврда за Европа како глобална моќ во иновациите, дека ја зајакнува технолошката отпорност и значи создавање на 11.000 работни места низ Европа.

Се проценува дека изградбата на фабриката ќе чини вкупно десет милијарди евра.

Новата фабрика ќе снабдува чипови со високи перформанси и ќе биде „отворен тип“, што значи дека секој клиент, а не само акционерите на ЕСМК, ќе може да нарача производство на специфични полупроводници. /МИА