Советот на Европската Унија (ЕУ) одлучи да потпише договор со Србија за оперативните активности што ги спроведува Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (ФРОНТЕКС).

Договорот, како што рекоа од седиштето на ЕУ, ќе овозможи тој блок и Србија да организираат заеднички операции во кои учествуваат ФРОНТЕКС и српската граничари.

„Ова, исто така, значи дека тимовите за управување со границите на ФРОНТЕКС можат да бидат распоредени во Србија и ќе овозможат ФРОНТЕКС да и помогне на Србија во управувањето со миграциските текови, борбата против илегалната имиграција и борбата против прекуграничниот криминал“, се вели во соопштението.

По потпишувањето ќе следи процесот на ратификација во кој е вклучен и Европскиот парламент кој конечно мора да даде согласност до Советот на ЕУ за склучување на договорот.

Како што е објаснето во Брисел, новиот договор ќе го замени сегашниот договор за статусот меѓу ЕУ и Србија. Сегашниот договор се заснова на старите прописи на ФРОНТЕКС и дозволува само заеднички операции на српската граница со Европската Унија.

Врз основа на новата регулатива на Европската агенција за гранична и крајбрежна стража од 2019 година, ФРОНТЕКС може да им помогне на земјите со кои потпишува договори низ нивната територија и може да врши извршни овластувања, како што се гранични проверки и регистрација на лица.