ЕУ не ги признава изборните резултати во Венецуела, се бара независна верификација

Европската Унија соопшти дека не ги признава резултатите од изборите во Венецуела, бидејќи владата во Каракас не успеа да ги објави придружните записи за гласање од избирачките места. Актуелниот претседател Николас Мадуро се прогласи за победник на изборите што се одржаа на 28 јули, наведувајќи ги резултатите објавени од Националниот изборен совет на Венецуела. Но, опозицијата и голем број држави низ светот не го признаа објавениот исход, наведувајќи дека соопштените резултати не ја одразуваат изборната волја на гласачите во Венецуела.

Според ЕУ, властите во Венецуела немаат докази за тврдењето за изборната победа на Мадуро.

„Секој обид да се одложи целосното објавување на официјалните записи од гласањето само ќе фрли дополнителен сомнеж во веродостојноста на официјално објавените резултати“, стои во соопштението на ЕУ, во кое се бара „независна верификација, ако е можно од меѓународно познат ентитет“.

ЕУ со писмо потпишано од лидерите на седум земји на ЕУ и со соопштение повикуваат венецуелските власти да ги објават деталните резултати од гласањето. Опозицијата го отфрли тврдењето на Мадуро, бидејќи излезните анкети покажуваат одлучувачко водство за предизвикувачот Едмундо Гонзалес.

Илјадници демонстранти се собраа на улиците на главниот град на Венецуела, Каракас, барајќи да се поништи изборниот резултат. Властите уапсија стотици демонстранти и се заканија дека ќе го затворат Гонзалес, како и лидерката на опозицијата Марија Корина Мачадо. Во првите денови по изборите, јавниот обвинител на Венецуела објави и дека имало хакерски напад од Северна Македонија со кој се извршило влијание врз изборниот процес, нешто што беше демантирано од МВР во изјава за ЦИВИЛ МЕДИА.

Подготви: Џ. Д.