Иако високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, во неделата изјави дека некои земји-членки на ЕУ се подготвени да ѝ дадат на Украина дел од нивните борбени авиони, денеска е јасно дека сепак – не се, пренесува Политико.
Се споменуваше дека ќе има околу 70 авиони, најверојатно МиГ-29 и Су-25, кои доаѓаат од Полска, Словачка и Бугарија. Сите три земји потоа рекоа дека нема да донираат борбени авиони на Украина. Имено, Бугарија и Словачка на тој начин де факто би останале без борбени авиони во моментот кога сѐ уште не им е испорачан новиот американски Ф-16 Блок 70, кој го купија двете земји. Бугарија додаде дека во случај на донација на МиГ за Украина, нема да има авиони со кои ќе го заштити сопственото небо.
Покрај тоа, бугарските медиуми објавија дека премиерот Кирил Петков ја нарече идејата „апсурдна“, велејќи дека неговата земја нема доволно авиони или потребни делови за да ги сподели.
Се огласи и полскиот претседател Анджеј Дуда, кој рече дека е одлучено Полска да не испраќа свои авиони во Украина. Истиот став го зазеде и Словачка.
Дуда, заедно со шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, објасни дека алијансата нема да ризикува да се вклучи во конфликтот меѓу Русија и Украина и дека нема да испраќа борбени авиони во Украина, а Столтенберг додаде дека НАТО нема да биде дел од конфликтот.
„НАТО нема да испрати свои сили во Украина или да префрли авиони во украинскиот воздушен простор“, рече Столтенберг.