ЕУ изрази загриженост поради ирачкиот Закон кој предвидува затворски казни за истополови односи

Европската Унија изрази загриженост поради усвојувањето на измените на ирачкиот Закон со кој се предвидува затворска казна во траење од 10 до 15 години за лицата кои се впуштаат во консензуални истополови односи.

Во реакцијата на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) се посочува дека со Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, што Ирак го ратификуваше уште во 1971 година, предвидува дека со законите ќе се забранува каква било дискриминација и ќе се гарантираат еднаква и ефикасна заштита за сите лица од дискриминација по која било основа.

– ЕУ ги повикува ирачките законодавци да ги почитуваат меѓународните обврски на Ирак за човекови права и ефикасно да го имплементираат членот 14 од ирачкиот Устав, кој забранува дискриминација врз основа на потекло, религија, припадност на малцинска заедница и од други причини, се наведува во реакцијата.

ЕЕАС посочува и дека ЕУ ќе продолжи да презема активности на глобално ниво за да ги спречи и осуди сите форми на дискриминација, залагајќи се за почитување на принципите на различност, еднаквост и инклузивност како „основни принципи на праведните општества“.