Европската комисија целосно ги поддржува европските амбиции на Молдавија и го осудува невиденото мешање на Русија во кампањата за референдумот и претседателските избори. Продолжуваме да даваме целосна поддршка на европските амбиции на Молдавија, изјави портпаролот на Комисијата Ерик Мамер.
Портпаролот на Комисијата за надворешна политика Петер Стано изјави дека референдумот и претседателските избори во Молдавија се одржаа „со невидено мешање и заплашување од страна на Русија“.
На референдумот одржан вчера, Молдавците со многу тесно мнозинство го поддржаа пристапот кон Европската унија, изјавувајќи дека членството во ЕУ треба да биде запишано во Уставот како стратешка цел. Претседателката Маја Санду ќе мора да оди во вториот круг од претседателските избори бидејќи во првиот круг не доби повеќе од половина од поддршката.
Молдавија доби кандидатски статус во јуни 2022 година и сега чека датум за почеток на преговорите. Референдумот и претседателските избори се еден вид тест за тоа дали поранешната советска република ќе се ослободи од влијанието на Москва и ќе се сврти неповратно кон Западот.
Текстот ЕУ за референдумот во Молдавија: Русија се мешаше и заплашуваше без преседан е превземен од МАКФАКС.