Лидерите на ЕУ одлучија да ја запрат Грузија на патот кон Европската унија поради новиот закон за невладини организации (НВО) кои добиваат странски средства.
Според законот, независните медиуми и другите граѓански организации мора да се регистрираат како „странски агенти“ и да доставуваат податоци до државата доколку добиваат повеќе од 20 проценти од финансирањето од странство.
-Законот за невладини организации претставува назадување во однос на условите поставени за членство на Грузија во блокот, се вели во изјавата на лидерот на ЕУ, пренесува ДПА.
Во соопштението се повикуваат грузиските власти да ги поништат „тековните дејствија кои го загрозуваат патот на Грузија кон ЕУ, де факто доведувајќи го пристапниот процес до застој“.
Грузија е официјален кандидат за членство во ЕУ од декември 2023 година.
Масовните протести во Грузија и интервенцијата на ЕУ и Соединетите Американски Држави, кои се противат на законот, не ја поколебаа владата. Противниците веруваат дека законот, кој стапи на сила на почетокот на јуни, ќе служи за замолчување на организациите кои ја критикуваат владата на начин сличен на рускиот.
Владејачката партија Грузиски сон го оправда законот со зголемување на транспарентноста и зајакнување на суверенитетот на Грузија.
ЕУ досега разговараше за низа одговори на случувањата во Грузија, вклучително и замрзнување состаноци на високо ниво и насочување на финансирањето на ЕУ директно на невладините организации во земјата.
Исто така, имаше загриженост за поддршката на грузиската јавност, која останува цврсто проевропска.
-Главниот фокус е да се испрати силна порака до грузиската влада и да се поддржи грузискиот народ, изјави дипломат на ЕУ за ДПА, пренесува новинската агенција МИА.